Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

21.10.2014 Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал
Кривична пријава за девет лица - го оштетиле буџетот на РМ за 2.768.000 американски долари

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против Б.Б.(1960) од Скопје, овластен потписник на нерезидентната сметка во „Комерцијална банка“ АД Скопје на „Дрвомак“ од Благоевград, Бугарија, стручен соработник и овластен потписник на нерезидентната сметка во „Комерцијална банка“ АД Скопје на „KL TECNOSERVICES“ LTD од Ливерпул, Велика Британија, сопственик и овластен потписник на „PTP DELIKATES (CYPRUS) TRADING LTD“ од Кипар, како и против В.Ѓ.(1961) од Кочани  сопственик на „Студио Д“ ДОО Кочани, сопственик на „Делта Текс Ко“ ДОО Кочани, управител и основач на „Дрвомак“ од Благоевград, Бугарија и овластен потписник на нерезидентната сметка во „Комерцијална банка“ АД Скопје на „Дрвомак“, потоа В.Ѓ.(1953) од  Кочани  управител на „Делтекс“ ДООЕЛ Кочани, сопственик на „Студио Д“ ДОО Кочани и сопственик на „Делта Текс Ко“ ДОО Кочани, В.Б.-Ѓ.(1963) од Кочани сопственик и овластен потписник на „Дрвомак“ од Благоевград, Бугарија, основач на „Делтекс“ ДООЕЛ Кочани, сопственик и управител на „Делта Текс Ко“ ДОО Кочани, за сторени кривични дела „Злосторничко здружување“ по член 394, „Перење пари и други приноси од казниво дело“ по член 273, „Фалсификување или уништување на деловни книги“ по член 280, Љ.К.(1955) од Кочани основач сопственик и директор на „KL TECNOSERVICES“ LTD од Ливерпул, Велика Британија, за сторени кривични дела „Злосторничко здружување“ по член 394, „Перење пари и други приноси од казниво дело“ по член 273, „Фалсификување или уништување на деловни книги“ по член 280,„Злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353, Н.М.(1963) година од Струга, поранешен раководител на Сектор за логистика при Министерство за одбрана, Д.Н.(1947) од Пробиштип, директор на „Сувенир“ АД во стечај Самоков, во својство на директор на правното лице „Сувенир“ А.Д. село Самоков Македонски Брод, Ј.Ѓ.(1959) од  Скопје сопственик и управител на „Специјална опрема Скопје“ ДОО Скопје, Ж.П.(1951) од Скопје во својство на управител на „Специјална опрема Скопје“ ДОО Скопје, за сторени кривични делaта Злосторничко здружување“ по член 394 став2, „Злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353, предвидени и казниво според Кривичниот законик на Р.Македонија.

Пријавените Б.Б., В.Ѓ. и В.Ѓ.(сите во меѓусебна роднинаска врска), со цел да се стекнат со противправна имотна корист од големи размери, формирале криминална група, преку која во периодот од 2004 година до 2009 година, незаконски присвоиле парични средства од големи размери во износ од 2.768.000 САД долари, oдносно 134.988.810,00 денари, со прикажување на нереално зголемена вредност на услуги за сервисирање на 6 хеликоптери на Министерството за одбрана на Република Македонија.

Истите ова го сториле на тој начин што основале две странски правни лица „Дрвомак“ ЛТД, Благоевград, Р. Бугарија и „KL TECNOSERVICES“ LTD од Ливерпул, Велика Британија, со цел надлежните органи на Република Македонија да немаат увид на паричните текови, деловните активности и работењето на истите. За таа цел, тие во криминалната група ги ангажирале пријавените Н.М. како началник на секторот за логистика при Министерството за Одбрана, В.Б.-Ѓ. и Љ.К., како одговорни лица во „Дрвомак“ и „KL TECNOSERVICES“, како и пријавените Ј.Ѓ., Ж.П. и Д.Н. во својство на овластени и одговорни лица во правните субјекти „Сувенир“ и „Специјална Опрема Скопје“.

Покрај ова, криминалната група преку неосновани исплати од Дрвомак и Техносервис на правните лица „Делта Текс Ко“, „Делтекс“, „Студио Д“, „Еко Нет Агенс“, Деликатес-Никозија Кипар, кои правни лица се во нивна сопственост и Специјална опрема Скопје, како и преку готовината што ја подигал пријавениот Б.Б., нелегално стекнатите парични средства во вкупен износ од 1.121.400 САД долари, 72.282 евра и 21.800 Британски фунти, ги внеле во легалниот платен промет на Р.Македонија. Членовите на криминалната група го оштетиле Министерството за одбрана за вкупен износ од 2.768.000 САД долари oдносно 134.988.810,00 денари, со што причиниле штета од големи размери, и ги сториле кривичните дела „Злосторничко здружување“, „Злоупотреба на службената положба и овластување“, „Перење пари и други приноси од казниво дело“ по член 273 и „Фалсификување или уништување на деловни книги“ по член 280, предвидени и казниви според Кривичниот законик на Р.Македонија.

Како член на криминалната група, Н.М. во својство на Началник на Секторот за логистика при МО на РМ во своето постапување не превзел доволно активности за да ги заштити интересите на МО, односно овозможил „Дрвомак“, Благеовград, Бугарија, да се стекне со противправна имотна котист. Н.М. учествувал во постапките при склучувањето на Договорите помеѓу МО на РМ со „Сувенир“ и „Специјална опрема“ Скопје, односно преку него одела целокупната коресподенција помеѓу МО и овие две правни лица. Иако во договорите стоело дека давателот на услугите го информира корисникот-МО на РМ, за текот на извршување на услугите, а имајќи го предвид фактот дека Н.М. во тој период бил во секојдневна комуникација со Б.Б., којшто бил главниот налогодавач за уплатите и исплатите од сметката на „Дрвомак“ и кој имал увид во вредностите на сите договори со Украинските изведувачи на ремонтите, не превзел доволно активности за да ги заштити интересите на МО на РМ, односно за истото да исплати 1.742.300,00 САД долари повеќе, во корист на „Дрвомак“, Благоевргад, Бугарија. Исто така, Д.Н., преку „Сувенир“, им овозможил на членовите на организираната криминална група да се стекнат со противправна имотна корист во износ од 935.000 САД долари, кои биле уплатени во корист на „Дрвомак“ на нерезидентната сметка во „Комерцијална банка“, а пријавените Ж.П. и Ј.Ѓ., преку „Специјална опрема Скопје“, им овозможиле на членовите на организираната криминална група да се стекнат со противправна имотна корист во износ од 807.300 САД долари кои биле уплатени во корист на „Дрвомак“ и противправна имотна корист во износ од 1.129.954 САД долари кои биле уплатени во корист на „KL TECNOSERVICES“, на нивните нерезидентни сметки во „Комерцијална банка“.

Со горенаведените дејствија од страна на oрганизираната криминална група е нанесена штета на Министерството за одбрана односно на Буџетот на Р.М. во вкупен износ од 2.872.254 САД долари или 134.988.810 денари.

Пријавениот Б.Б., како овластен потписник на нерезидентната сметка на „Дрвомак“ во „Комерцијална банка“, од приливот на девизни средства во износ од 1.834.000 САД долари  на 12.10.2005 година, по основ на првиот договор и приливот на девизни средства во износ од 1.800.000 САД долари, по основ на вториот договор, откако дал налози за исплата на фирмата „Укринмаш“ во износ од 995.000 САД долари за првиот договор и 1.100.700 САД долари за вториот договор, со цел да оствари противправна имотна корист, дал налози за исплата и на останатите девизни средства од нерезидентната сметка на „Дрвомак“ кон други правни лица во странство и во Република Македонија, како и налози за подигање готовина на негово лично име, па така на овој начин во периодот од 21.04.2005 до 10.09.2007 година, исплатил вкупно 1.541.345 САД долари, 29.612 евра и 11.600 Британски фунти.

Исто така, пријавениот Б.Б., како овластен потписник на нерезидентната сметка на „KL TECNOSERVICES“ во „Комерцијална банка“, од приливот на девизни средства во износ од 2.745.000 САД долари, по основ на третиот договор, откако дал налози за исплата на фирмата „Укринмаш“ во износ од 1.615.046 САД долари со цел да оствари противправна имотна корист, дал налози за исплата на останатите девизни средства од нерезидентната сметка на „KL TECNOSERVICES“ кон други правни лица во странство и во Република Македонија, како и налози за подигање готовина на негово лично име, па така на овој начин во периодот од 12.03.2007 до 04.05.2009 година, исплатил вкупно 941.359,50 САД долари.

Со цел да оствари противправна имотна корист, пријавениот Б.Б., заедно со пријавениот Љ.К., на овој начин одлеале од двете фирми вкупен износ од 2.482.704,50 САД долари, 29.612 евра и 11.600 Британски фунти. Дел од вака исплатените девизни средства од сметката на „Дрвомак“, неосновано биле насочени кон правните лица „Делтекс“ (30.000 САД долари), „Делта Текс Ко“ (173.000 САД долари), „Студио Д“ (преку 117.000 САД долари) и „Еко Нет Агенс“ (13.000 САД долари), со прикажување на фиктивни деловни односи.

На 21.10.2014 година, согласно изготвен План за реализација и согласно добиени Наредби за лишување од слобода, од Судија за претходна постапка, ОСОСК од слобода лиши осум од деветте кривично пријавени лица (еден од нив не е лишен од слобода, затоа што се наоѓа на болничко лекување). Во текот на денешниот ден сите лица ќе бидат изведени пред Судија за претходна постапка.

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk