Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

15.07.2014
Расчистено разбојништвото во експозитурата на Македонски Пошти во село Буковиќ

МВР го расчисти и документираше разбојништвото кое минатиот вторник беше извршено во поштата во  село Буковиќ. За кривичното дело се товарат пет лица на возраст од 22 до 36 години од кои три лица од село Семениште, едно од Сарај и едно од Черкези – кумановско. На сите петмина им е одредена мерка притвор во времетраење од 30 дена. Еден од осомничените е полициски службеник кој во моментов работи во Полициската станица од општа надлежност Карпош. Петмината се товарат поради основано  сомнение дека  извршиле  едно кривично дело – “Разбојништво“, при што се стекнале со противправна имотна корист од околу 1.108.156.00 денари.

Имено на  08.07.2014 година околу 10.00  часот  по претходен договор да извршат кривично дело разбојништво, горепријавените  со ПМВ марка „Фолксваген Пасат“ со кумановски регистерски ознаки, сопственост на четврттопријавениот, откако претходно му ги извадиле регистарските таблици, се упатиле во с.Буковиќ кон експозитурата на АД Македонска Пошта. Четвртопријавениот го управувал возилото а со него биле првопријавениот полицаец и второ и третопријавениот кои седеле на задното седиште носејќи со себе автоматска пушка и пиштол, додека петтопријавениот со ПМВ Голф 3, се паркирал на стариот пат Скопје-Тетово, помеѓу селата Семениште и Буковиќ со цел да го извидува патот и да чува стража.

Откако стигнале  во близината на експозитурата од возилото излегле второ и третоприваените вооружени со автоматска пушка и пиштол, ставиле капи – фантомки на главите со отвори за очите и устата, ракавици на рацете и влегле во поштата, каде во моментот биле само тројца од вработените. Пријавените го впериле оружјето кон нив и им наредиле да ги кренат рацете, заканувајќи се дека ќе им пукаат во нозете. Потоа влегле во работниот простор зад необезбедениот шалтерски пулт, а од таму во работната просторија зад шалтерскиот дел при што  му наредиле  на благајникот да ја отклучи и да ја отвори уредно затворената и заклучена дводелна метална каса којашто се наоѓала во просторијата. Тој ја отклучил и ја отворил вратата од каде што второпријавениот одзел околу 1.000,000,00 денари, кои биле наредени по апоени и биле во хартиени држачи-пачки за пари со логото на Народна Банка на РМ и на Поштенска Банка. Во исто време третопријавениот во фиоката во шалтерскиот пулт која ја користи благајникот, пронашол и одзел околу 108.156,00 денари и сите пари ги ставиле во една вреќа,  која ја пронашле во просторијата. Во тој момент, до влезната врата од експозитурата дошло лице-пензионер од с. Буковиќ кој што сакал да влезе внатре и да подигне пари од пензија меѓутоа бил забележан и под закана му наредиле и тој да влезе во помошната просторија каде што биле затворени  тројцата вработени.

Откако ги зеле парите строителите  се качиле во Пасатот и се упатиле према излезот од с.Буковиќ, на стариот пат Скопје-Тетово каде ги чекал петтопријавениот со Голф 3. Осомничените се префрлиле во возилото и сите заминале во с.Семениште, во старата куќа на првопријавениот, каде зад куќата ги запалиле торбата во која ги изнеле парите од поштата, капите фантомки и ракавиците, а потоа откако ги поделиле украдените пари пред куќата ги запалиле и хартиените држачи-пачки за пари со логото на Народна Банка на РМ и на Поштенска Банка.

По извршување на кривичното дело и поделбата на парите четврттопријавениот ги поставил регистарските таблици на ПМВ марка „Фолксваген Пасат“ и со возилото си заминал за Куманово, а останатите си заминале по своите домови со својот дел од парите, кои пари подоцна ги потрошиле за свои лични потреби.

Веднаш по пријавата, од страна на Полициските службеници од отсекот за разбојништва беа превземени сите неопходни мерки и активности за расчистување на делото. Од страна на полициски службеници од СВР Куманово,  ПМВ марка „Фолксваген Пасат“ е одземено со потврда за привремено одземени предмети. Со наредба издадена од Судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје извршен е претрес на дом кај пријавените и притоа се пронајдени и со потврда за привремено одземени предмети се одземени опожарени хартиени држачи- пачки на пари(со логото на Народна Банка на РМ и на Поштенска Банка), дел од леплива трака со натпис „Кодинг“, дрвен кундак од автоматско оружје, една рамка за автоматска пушка,  8 куршуми  кал.7,62 мм за автоматска пушка, опожарен материјал со сина боја,  еден пиштол марка „ЦЗ“ со бр.77437(службен пиштол сопственост на МВР на РМ), две рамки за пиштол, (30)триесет куршуми  кал. 9 мм, опасач со пендрак и лисици,  една сивкаста јакна со црна трака „Nautex Jeans“,шест мобилни телефони разни марки , еден пластичен пиштол „М9- П Beretta“, 15 ( петнаесет ) пластични кутии од СИМ картички со телефонски броеви.

Четврттопријавениот беше приведен во СВР Куманово, каде против истиот е поднесена кривична пријава за сторено кр.дело разбојништво и е изведен пред Судија на претходна постапка, каде му е изречена мерка притвор во траење од 30 дена. Со истиот во просториите на СВР Куманово е извршен разговор, во кој разговор истиот појасни кога, како, каде и кој од пријавените какви задолженија имал при извршувањето на кривичното дело.

Поголем дел од пријавените и претходно се познати на полицијата, а од страна на судовите им се изрекувани и затворски казни за сторени кривични дела „Учество во тепачка“, „Насилство“, „Тешка кражба“ и „Недозволена трговија со оружје“. Лицето од Куманово во 2009 година со помош на Интерпол било уапсено и во Осло-Норвешка, поради основано сомнение за недозволена трговија со наркотици.

Министерството за внатрешни работи продолжува да работи на расчистување и на други дела сторени од оваа криминална група.

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk