Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

07.05..2014 Центар за обука Идризово-одбележување на “7-ми Мај“, денот на полицијата
Јанкулоска: “Најголемото признание за сработеното пристигна од граѓаните“

 

 

“За нас “7-ми Мај“ е голем ден. Ден кога и оддаваме почит на униформата. Ден кога се завртуваме назад, но и ден кога погледнуваме напред, во иднината. Почестите денеска треба да ви припаднат на сите вас кои изминатава година безрезервно работевте за Република Македонија и за граѓаните, оправдувајќи ја довербата во униформата која што ја носите“, истакна меѓу другото министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска во своето пригодно обраќање пред бројните гости и припадници на МВР на денешното одбележување на “7-ми Мај“, денот на македонската полиција, што се одржа во Центарот за обука во Идризово. 

Во продолжение интегрално во го пренесуваме обраќањето на министерката Јанкулоска:

 

“Ние сме денеска тука, во Центарот за обука не случајно. Инвестирањето во персоналниот капацитет и личната надградба е најдобриот влог и гаранција за просперитетна иднина. Без учење и надградување нема лидерство, а образованието е најдоброто оружје кое може да го искористите за менување на светот.

За нас “7-ми Мај“ е голем ден. Ден кога и оддаваме почит на униформата. Ден кога се завртуваме назад, но и ден кога погледнуваме напред, во иднината. Онаму каде што треба да се движиме. Токму затоа сме тука во Центарот за обука, да го одбележиме Денот на полицијата со нашите идни колеги.

Осми пат по ред ја добивам можноста да ви се обратам на овој голем ден и верувајте дека како што минува времето, така се зголемува мојата почит кон полициската униформа. Огромна е честа и задоволството кое ми припаѓа со овој чин, но и голем е товарот за да се направи пресек на работењето и да им се укаже посебна благодарност на оние кои ја одбележаа минатата година.

Би можела да започнам со благодарност до припадниците на Единицата за специјални задачи и хелихоптерската единица кои минатиот мај во горна Матка кај манастирот „Света Недела“ успеаја да извлечат и спасат повреден алпинист. Би можела да започнам и со благодарност до колегите од Граничната полиција кои пред три месеци во близина на Граничниот премин Богородица пронајдоа и згрижија 18 годишна афганистанка. Не само што го спасија нејзиниот живот, туку благодарение на нивната реакција безбедно беше породено здраво женско бебе. Нема да биде незаслужено доколку на почеток ги споменам и колегите од Секторот за организиран и сериозен криминал кои добија признание од „ВИЗА за успешна борба против компјутерскиот криминал. Не помалку заслужни се и колегите од Единицата за трговија со луѓе кои добија признанија на СЕЛЕК Центарот по повод успешно организираните и реализирани активности во рамки на регионалните акции во борба против сузбивање на трговијата со луѓе. Секогаш на прво место може да бидат колегите кои изминативе години, особено во 2001-та, несебично ги жртвуваа своите животи за заштитата на мирот и безбедноста на сите граѓани. На пиедесталот заслужуваат да се најдат и нивните семејства заради загубата со која што живеат.

Сите овие ваши индивидуални постигнувања ќе останат запомнати, но тоа што според мене треба да биде на прво место е тимскиот дух и заедништвото што го демонстриравме. Затоа почестите денеска треба да ви припаднат на сите вас кои изминатава година безрезервно работевте за Република Македонија и за граѓаните, оправдувајќи ја довербата во униформата која што ја носите. Без заслугите и на колегите во униформираниот и на колегите во неуниформираниот дел на полицијата, без заслугите на колегите од државната безбедност или колегите кои работат во канцеларии, немаше денеска вака гордо да го прославуваме Денот на полицијата.

Резултатот на несебичното залагање е повеќе од очигледен. Република Македонија денеска е побезбедна земја. Изминатава година бележиме пад на кривичните дела од областа на насилниот криминал, особено оние најтешките како што се убиствата. Од минатиот 7 мај, до денеска имавме само 21 убиство или околу 1 убиство на 100 000 жители што е една од најниските стапки во Европа. Во надолна линија се и кривичните дела како изнудите, грабнувањата и уцените, но и нарушувањата на јавниот ред и мир.

Заслуга за ваквите трендови секако дека има и зголемената ефикасност во вашето работење. За преку 60% е зголемена реализацијата во борбата против организираните криминални групи. Изминатава година дури 26 криминални групи беа тргнати од улиците, а 282 лица кои делуваа во рамки на овие групи, заработија пријави и беа изведени пред лицето на правдата. Изминативе година дена откривме и запленивме околу 900 килограми дрога за кои се пријавени 665 дилери и транспортери. За 30% е зголемена реализацијата и во однос на недозволената трговија со оружје за која се пријавени 244 сторители. За 90% е зголемен и бројот на откриени сторителина дела од областа на класичната корупција а меѓу осомничените се судии, јавни обвинители, полициски службеници и други службени лица.

Секако настан кој најдолго ќе се памети и операцијата која бараше ангажман буквално на целосниот капацитет на Министерството, беа изборите каде за прв пат во историјата на независна Македонија се поклопија Претседателските и Парламентарните. Ефектот од нашиот ангажман беа најмирните и најдемократските избори досега. На ниту едно избирачко место немаше дури ниту прекин на гласањето. Немаше никакви нарушувања на јавниот ред и мир, а граѓаните слободно и без никакви притисоци, зад параваните ја изразија својата воља. Сите членови на штабот, но и полициските службеници на терен имаат своја заслуга за победата на демократијата, иако поединци се обидуваат да фрлат дамка и да ја оспорат одлуката на граѓаните. Вие бевте беспрекорни и не треба да дозволите да допрат до вас обидите на некои политичари кои сакаат да го омаловажат вашиот труд. Нивната хипокризија е очигледна. За нив се демократски изборите кога и меѓународните набљудувачи ги квалификуваат како „многу лоши“, што беше случај во 2004 година, каде беа регистрирани неправилности во гласањето на над 40 % од избирачките места. Сега не ги признаваат резултатите и ве напаѓаат вас и граѓаните кога на сите 3514 избирачки места немаше ниту еден инцидент. Оставете ги нив нека живеат со срамот и двојните стандарди.

Најголемото признание за сработеното, секако пристигна од граѓаните. Истражувањето кое минатиот август го презентираше Македонскиот центар за меѓународна соработка, само ги потврди истражувањата на ОБСЕ и на други организации кои се бават со испитување на јавното мислење. Истражувањето потврди дека од година во година се зголемува довербата во полицијата. Во бројки, над 65% од граѓаните се изјасниле дека и веруваат на полицијата. Конкретно во однос на 2010 година довербата меѓу Македонците се зголемила од 59 на 71%, а меѓу Албанците од 31 на 55%.

Како признание за Вашата пожртвуваност, изминативе година дена беа донесени и некои, би рекла историски одлуки. Со нив Владата и сегашното раководство покажаа колку се цени трудот кој го вложувате. Со нив ви се враќа тоа што одамна го заслужувате. За прв пат во Министерството се договоривме со Македонскиот полициски синдикат да отпочнеме со анализи и преговори за етапно усогласување на платите во МВР за тие да бидат слични со основната плата во државната администрација, но и со примањата на полициските служби во земјите во регионот. Стратегијата предвидува корекцијата на платата по ранг, давајќи приоритет на ниските плати, а напоредно со тоа стандардизација на разликата на плати помеѓу ранговите и нивоата. Со тоа веруваме дека значително ќе се подобри стандардот и на некој начин државата ќе ви се оддолжи со признавање на посебната улога на МВР во општеството заради ризиците, тежината и сложеноста на функциите и специфичните задачи кои ги извршувате. Не треба да заборавиме дека по скоро десетгодишно постоење, како признание за постигнатите резултати, годинава за прв пат беше решен и статусот на Единицата за прв одговор и интервенција, популарната „Алфа“ единица.

Годинава инвестиравме во техника. Набавивме нови возила и ги надградувавме системите со кои располага Министерството. Сепак најголемата инвестиција е вработувањето на новите 300 полициски службеници кои претставуваат квалитетно дополнување и подмладување на персоналниот состав. За прв пат воспоставивме транспарентнен систем за прием и селекција на кандидати каде што единствен критериум за влез во полиција беше индивидуалниот квалитет и капацитет. По истиот критериум беше извршена селекцијата и на новите 440 кандидати за полициски службеници.

Критериумите и летвичката за влез во полиција е подигната високо од претходната генерација. Од вас не очекуваме само да ја прескокнете, туку да ја кренете уште погоре и да докажете дека сте достојни да ја облечете полициската униформа. Да покажете залагање, пожртвуваност, знаење и тимски дух. За таа цел, за вас се создадени уште подобри услови. За прв пат го дигитализиравме образовниот процес во центарот и сите материјали сега ви се достапни во секој момент на новите таблет компјутери кои неодамна ги набавивме.

Вие треба да бидете основната движечка сила која треба да ги носи реформите предвидени во програмата за наредниот период. Граѓаните гласаа за неа и треба да знаете дека нема отстапување од ниеден од предложените проекти кои добија поддршка на изборите. Ние сме во служба на граѓаните, а тие го кажаа своето. Кажаа ДА за проширување и надградување на проектот „Безбеден град“ во Гостивар, Кичево, Охрид и Струга. Кажаа ДА, за воведување мобилни и on-line полициски станици. Кажаа ДА, за видеонадзор на местото за контрола на возила и возачи. Кажаа ДА, за воспоставување на посебна институција за контрола на полицијата. Кажаа ДА, за воведување електронски лични карти, олеснување на пристапот до документи и за електронски записници од сообраќајни незгоди. Кажаа ДА за 55 проекти кои имаме обврска да ги реализираме час поскоро.

Довербата тешко се стекнува, но лесно се губи. Од сите нас зависи како ќе гледаат граѓаните на униформата и на институцијата која ја претставуваме. Не смееме да дозволиме ни најмал сомнеж во храброста, искреноста и чесноста што ве красат секој поединечно. Мора и во иднина секој од нас да го дава својот максимум во служба на граѓаните.

Нека ни е честит Денот на полицијата.
Да живее Република Македонија.

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk