Content on this page requires a newer version of Adobe Flash Player.

Get Adobe Flash player

 

11.04.2014 Прес конференција во МВР
Кривично пријавени пет лица за злоупотреба на безвизниот режим

Министерството за внатрешни работи реализираше два одвоени случаи на злоупотреба на безвизниот режим во кој се откриени и пријавени пет лица.

Во првиот случај, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против четири лица од кои три од Кочани И.А. (41), Н.К (47) и Р.Џ. (49), како и Р.И. (35) од Скопје, поради сомнение за сторени кривични дела – “злоупотреба на безвизен режим со државите членки на Европската Унија и на Шенгенскиот Договор“ и “организирање на група и поттикнување на извршување на делата од чл.418“, откако претходно со примена на Посебни истражни мерки, беше документиран транспорт на четворица мигранти.

Имено, 49 годишниот Р.Џ од Кочани бил ангажиран да обезбеди четири лица од подрачјето на Кочани и Пехчево, кои имале намера да заминат во Германија, како економски мигранти, по што осомничените за цена од 300 евра по лице, го организирале превозот. Лажните азиланти биле прифатени од страна на групата и транспортирани до с.Долно Блаце, каде во организација на 35 годишниот Р.И. од Скопје, тројца биле илегално префрлени на косовска страна, додека еден економски мигрант, заедно со еден од осомничените, со возило легално ја преминале границата на ГП Блаце и на косовска страна ги прифатиле останатите три лица. Од таму го продолжиле патувањето, преку Косово, Србија и Унгарија кон Германија.

Две од осомничените лица веќе беа приведени во акција на министерството реализирана минатиот месец, во која се утврди дека заедно со уште едно лице извршиле транспорт на шест лица - економски мигранти на 12.03.2014 година. Откако беа предадени на Судија на претходна постапка, истиот им одреди мерка притвор во траење од 30 дена. Другите две осомничени лица во овој случај, по претходно извршени консултации со Јавен Обвинител и добиени Наредби за приведување, беа обезбедени, а беше одземено и возилото со кое се превезувале економските мигранти. На нив, од страна на Судијата на претходна постапка, исто така им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.

Во вториот случај, Регионалниот Центар за Гранични работи „Запад“ поднесе кривична пријава против 56 годишниот Н.А. од Битола и едно засега непознато лице за сторено кривично дело – “злоупотреба на безвизниот режим со државите членки на Европската унија и шенгенскиот договор“. Пријавениот за износ од 1.850 евра организирал превоз на шест лица од ромска националност од Битола, по што непознатото лице во близина на ГП „Стење“ илегално ги пренел во Албанија, каде требало да дојде пријавениот и да продолжат заедно до Германија. Откако тој не се појавил на договореното место лицата-азиланти на влез на ГП Стење на албанско-македонската граница го пријавиле настанот, при што е утврдено дека истите не се евидентирани во системот за излез од РМ.

Освен овие, во првите три месеци од 2014 година регистрирано е едно дело „злоупотреба на безвизен режим со државите членки на Европската Унија и Шенгенскиот договор“ за кое се пријавени тројца сторители, додека во текот на 2013 година регистрирани се 13 кривични дела „злоупотреба на безвизен режим со државите членки на Европската Унија и Шенгенскиот договор“  а пријавени се 19  сторители.

Назад

 
Секој упад и злоупотреба на веб страницата на МВР е казнив по член 251 од КЗ на Република Македонија
Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, ул.Димче Мирчев бб, 1000 Скопје, Македонија.
тел: +389 (0)2 3 117 222 факс: (02)3112468 е-пошта: kontakt@mvr.gov.mk