Како што вчера првично ве информиравме, Министерството за внатрешни работи во координација и со наредба на надлежниот јавен обвинител, ја реализираше последната фаза од Оперативната обработка „Лепак“ со која беше откриена и разбиена организирана криминална група која подолг период наназад вршеше кривични дела поврзани со криумчарење трговска стока од Р.Бугарија и Р.Грција во Р.Македонија. Во групата чии членови делуваа главно на подрачјето на Струмица, Штип и Богданци, партиципираа и службени лица вработени во Царинската Управа на испоставата на Граничниот Премин „Ново Село“. На чело на групата, според досегашните сознанија бил првоосомничениот, односно членовите на оваа група биле организирани во криминалните активности од страна на Раководителот на царинска испостава ГП Ново Село.
Криминалистичката истрага под раководство на ЈО од ОЈО за организиран криминал и корупција, се спроведуваше изминатава година од страна на Одделот за организиран и сериозен криминал при што со примена на посебни истражни мерки се обезбедија докази за вкупно 14 лица членови на криминалната група од кои седум се царински службеници вработени на ГП Ново Село, против кои поднесена е кривична пријава за сторени кривични дела „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службена положба и овластување“, „криумчарење“, „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“. По едно лице сеуште се трага бидејќи според сознанијата се наоѓа надвор од Република Македонија, додека останатите во текот на вчерашниот ден беа изведени и пред судија на претходна постапка, кој им изрече мерка притвор во времетраење од 30 дена. Станува збор за лицата С.Л.(28), раководител на царинска испостава ГП „Ново Село“, А.Д.(49), Т.В.(38), Д.Ј.(28), Ј.М.(44), К.Т.(28), А.П.Ѓ.(43), сите царински службеници на царинска испостава ГП „Ново Село“, В.Г.(35), В.М.(50), В.Б.(40), В.А.(47), Т.Д.(45), С.В.(47) и С.Ј.
При реализацијата беа вклучени околу 170 полициски службеници од МВР на РМ, а по лишувањето од слобода на 13 –те членови на оваа организирана криминална група беа вклучени инспектори од УЈП и пазарната инспекција на РМ.
Во текот на вчерашниот ден (07.03.2014 година) во вториот дел од акцијата од страна на УЈП и пазарната инпекција извршени се контроли во 24 правни субјекти, односно 41 деловна единица во Струмица, Василево, Прилеп, Скопје, Штип, Пробиштип, Кичево, Кавадарци, Виница, Куманово и Тетово, а во три други од планираните субјекти не е извршена контрола поради нивното моментално неработење.
Кај осум правни субјекти констатирани се нецелосни евиденции на готовинскиот промет, при што изречени се глоби и донесени се Решенија за пломбирање на објектите. Во текот на денешниот ден активностите од страна на УЈП и пазарната инспекција продолжуваат во однос на попис на затекната трговска стока, а со цел утврдување и усогласување на пописот со книговодствената докуменатација на правните субјекти. Кај еден правен субјект од Василево - Струмица, кој има 11 деловни единици во повеќе градови во Р.Македонија, затекната е поголема количина на трговска стока поради што активностите за утврдувањето на состојбата ќе продолжат во текот на денешниот и наредните денови. За констатираната состојба и изречените мерки од страна на УЈП за сите правни субјекти, предмет на контрола ќе биде изготвена дополнителна информација по доставување на комплетни податоци од страна на УЈП.
Сомненијата од неколкумесечната примена на посебните истражни мерки укажуваат дека членовите на оваа група само при документираните случаи, успеале да се стекнат со противправна имотна корист во висина од неколку милиони денари. Колкав е целосниот профит од незаконското работење изминативе години може само да се претпостави, а треба да се утврди и штетата која ја има претрпено буџетот врз основа на неплатените давачки. Веројатно како следна фаза на истрагата, доколку процени надлежниот јавен обвинител, ќе следи проверка на потекло на имотот на службените лица.
Инаку, пријавените транспортери делата ги вршеле на тој начин што, по претходен договор со нарачателите на трговската стока (правни субјекти), кои истата ја купувале во Р.Бугарија и Р.Грција и претходно ја оставале на одредено, само за нив познато место во Р.Бугарија или Р.Грција, брендираната облека ја преземале и ја пренесувале во Р.Македонија. Истите транспортот го вршеле преку ГП Ново Село до однапред договорена дестинација и тоа секогаш кога на должност биле некои од царинските службеници-членови на злосторничкото здружение, кои во договор со истите не вршеле царинска контрола, односно преглед на возилата и трговската стока што се пренесувала, а со цел да бидат избегнати задолжителните царински давачки.
За извршениот транспорт, нарачателите на трговската стока, на транспортерите, откако ќе им ја доставеле трговската стока им плаќале износ од две евра за килограм трговска стока и тоа најчесто во готово, но и на трансакциски сметки - секогаш како извршени уплати од физички лица. Членовите на злосторничкото здружение кои го вршеле транспортот, вака стекнатата противправна имотна корист не ја зачувувале за себе, туку по секој извршен транспорт, одреден износ им предавале или на организаторите на здружението –цариниците вработени на Граничниот Премин. Исто така, во случај кога некој од членовите на злосторничкото здружение бил откриен во вршење на кривичните дела од страна на органите на прогонот, пријавениот Раководителот на Царинската испостава превземал дејствија во насока на прикривање на делото со наложување за изготвување царинска потврда за плаќање на увозни давачки со невистинита содржина, злоупотребувајќи ја службената положба на Раководител на Царинска испостава.
Во текот минатата година како дел од оваа Оперативна обработка беа, преземани низа мерки и активности во врска со ова злосторничко здружение, при што во неколку наврати одзмена е разновидна трговска стока во вкупна вредност од околу 1 мил. денари, како и три патнички моторни возила со кои се транспортирала стоката. Во текот на вчерашниот ден беа одземени уште пет моторни возила.