Образованието и обуката на полициските службеници, како и на сите други вработени во МВР, придонесува за ефективно и ефикасно извршување на работните обврски, а во периодот на спроведувањето на реформите во полицијата има клучна улога како поддршка на процесот.
Во согласност со планираните активности и Стратегијата за обуки, Центарот за обука во тековната 2013 година организираше 457 обуки за вкупно 13.561 учесници. Притоа, заради оспособување за самостојно вршење на работите на работно место одржани се 57 обуки со 1207 учесници, за поуспешно вршење на работните задачи одржани се 388 континуирани обуки со 8777 учесници и 12 основни обуки за полицаец за 3577 кандидати, а од 2012 година до крајот на тековната 2013 година континуирано течеа и завршија две основни обуки за полицаец за 327 односно 323 кандидати.
Покрај обуките организирани од Центарот за обуки, беа спроведени и други обуки- 163 со вкупно 270 слушатели кои беа организирани надвор од Центарот, како и 107 обуки со 125 слушатели кои се одржуваа надвор од нашата држава.
Едукацијата и усовршувањето на работниците во Министерството и оваа година се реализираше преку најразлични форми на стручно оспособување (семинари, обуки, курсеви, конференции, студиски посети), а во соработка и со повеќе меѓународни организации ( OBSE, UNDP, ICITAP, ILECU, SEPKA, UNHCR, FRONTEX, TAIEX, и др), како и со амбасади и министерства за внатрешни работи (САД, Франција, Велика Британија, Бугарија, Австрија, Швајцарија, Германија, Унгарија, Норвешка и др.).
Во спроведените обуки и семинари учествуваа поголем број вработени во Министерството, а со истите беа опфатени повеќе теми и области кои пред се беа во насока на зголемување на ефикасноста во одредени сегменти во работењето на полицијата (законска легислатива во работењето; имплементација на новиот ЗКП; менаџирање, добро управување и модерна и принципиелна администрација, откривање на фалсификувани документи, криминал со моторни возила, нелегални активности на граничните премини, човековите права при сузбивање на тероризам и граѓанска безбедност, борба против трговија со луѓе, криумчарење мигранти, трговија со човечки органи и илегална миграција, заштита на лични податоци, финансиски криминал и истраги, компјутерски истраги и злоупотреба на платежни картички, организиран криминал, перење на пари и заштита на интелектуалната сопственост; борба против корупција и примена на меѓународни стандарди; детска порнографија на интернет и превенција на децата од сексуална злоупотреба; насилен екстремизам, интервенции и крим техника при сообраќајни несреќи; криминалистичко разузнавачки аналитички техники; расудлива употреба на сила, зајакнување на националните капацитети за спречување на семејно насилство, полициско постапување со малолетник и работа со малолетници жртви на трговија со деца, и сл).
Покрај ова, за дел од работниците на полицијата се спроведе и обука за имплементација на нови закони и под законски прописи, како и за конкретни измени и дополнувања на важечките прописи.
Нормативна дејност и имотно-правни работи
Реализацијата на нормативно - правната дејност во текот на годината се остваруваше согласно актите и материјалите што беа дефинирани како приоритетни за остварување на стратешките приоритети во Програмата на Владата на Република Македонија за 2013 година и Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија, во делот што се однесува на подготвување и донесување на прописи од областа на внатрешните работи.
Согласно наведените акти и потребите на Министерството за внатрешни работи, во текот на годината беа донесени 11 закони и 26 под законски и други акти ( 22 правилници, три решенија и едно упатство). Во рамките на проектот „Поддршка на реформите на полицијата и кривичното право“ беа изработени седум Упатства, 14 стандардни оперативни процедури и еден Правилник.
Во текот на годината се спроведени 584 постапки за утврдување на одговорност за кршење на работната дисциплина, при што, во 342 постапки изречена е мерка „парична казна“, во 143 постапки е изречено „писмено предупредување“, во 52 постапки донесено е решение за „запирање на постапката“, во 28 постапки е изречена мерка „откажување на договор за вработување“, во 14 постапки е донесено решение за „распоредување на две места пониско од работното место на кое биле распоредени“ и во пет постапки изречена е мерката „ условно откажување на договор за вработување“.
Управување со човечки ресурси
Во делот на управувањето со човечките ресурси донесени се Правилници за систематизација на работните места во Министерството за внатршни работи и Правилник за организација и работа на Бирото за јавна безбедност. Стручните служби, континуирано спроведуваа постапки за остварување на правата и обврските од работен однос, водење и ажурирање на персоналните досиеја на вработените, спрведуваа постапки за давање на лични податоци со оценка на законската и правната основаност на поднесените барања и остварување соработка со Дирекцијата за заштита на лични податоци, изготвување на службени легитимации на полициските службеници и овластените службени лица, изготвување на решенија за службени патувања во странство, спроведување на програмите за стручно оспособување, извештаи за оценување на вработените во министерството, постапки по интерни огласи ажурирање на WEB portalot со податоци од важност за вработените и др.
Во текот на годината, спроведени се постапки за вработување на 338 работници во Министерството за внатрешни работи (со и без јавни огласи), како и преземени 41 работници од други институции, додека по основ на барање на работник, прекинување на договор за вработување по сила на закон и решенија за старосна и инвалидска пензија, пензионирани се 287 лица.