Секторот за внатрешни работи Тетово во содејство со Единицата за компјутерски криминал на МВР, вчера попладне го открија, односно идентификуваа испраќачот на заканувачката порака која дента им беше испратена на десетина вработени во тетовското Основно училиште “Братство Миѓени“ и која предизвика лажна тревога дека во училиштето е поставена бомба.
Осомничен којшто на својот компјутер ја напишал, а потоа ја испратил пораката е 14 и пол годишен малолетник од Тетово. Во координација со јавен обвинител и со соодветна судкска наредба, извршен е претрес во неговиот дом и одземен му е компјутерот за вештачење. Малолетникот, во присуство на родител, повикан е во СВР Тетово, разговарано е со него и се работи на документирање на случајот.
Инаку, вчерашниот е прв настан на лажно пријавување на бомба регистриран годинава. Минатата година имаше шест анонимки од кои четири се расчистени и документирани а против лажните пријавувачи се поднесени соодветни пријави. Притоа расчистени се случајите со лажните дојави за “подметнати бомби“ во ТВ Сител, во СУ “Арсениј Јовков“, во Германската амбасада, како и во министерството за економија, додека пак се уште се работи на идентификување на лицата кои лажно пријавија бомби во ТЦ Рамстор и на скопскиот аеродром “Александар Велики“. Во 2012 година беше регистриран само еден случај на лажно пријавување бомба во угостителски објект во Охрид по што сторителот веднаш беше откриен.
Со исклучок на вчерашната лажна пријава во Тетово карактеристичен е трендот на пријавување односно закани со бомби и во други објекти не само во училишта со оглед на фактот што во минатото 80 проценти од лажните пријави се однесувале на училиштата.